Македонија
4. July 2018 - 16:09

Здравствените експерти бараат преиспитување на одлуката за бесплатно болничко лекување

Укинувањето на болничката партиципација ќе ги поскапи здравствените услуги. Ќе дојде до зголемување на листите на чекање за хируршки интервенции и од најавената реформа најмногу ќе профитираат приватните здравствени установи. Ова е епилогот од анализата на организацијата Хелтгрупер, која ги истражува состојбите во здравството во Југоисточна Европа. Велат дека пациентите ќе бидат принудени да чекаат подолго или, пак, да платат од џеб во приватни болници.

- Партиципацијата е механизам кој има за цел да го ограничи прекумерното (и често не потребно) лекување во болниците. Таа мерка се воведува насекаде во светот и ја користат дури и Германија, Јапонија, САД...Кога ќе се укине партиципацијта, автоматски се очекува да се зголеми побарувањето на здравствените услуги, а тоа ќе се одрази на снабдувањето со здравствени услуги. Новата ситуација ќе ги принуди болниците, од причини што нема да може да одговорат на зголемената побарувачка, да воведат нивни рестриктивни мерки во форма на продолжено време на чекање за лекување, вели Јана Мелоска петрова од Хелтгрупер.

Експертите од оваа органзиација побараа од Владата и МЗ да ја преиспитаат одлуката за бесплатно болничко лекување, која според нивните анализи ќе има штетни последици по здравствениот систем. Им понудија на надлежните да им помогнат со детални анализи пред одлучат за мерката.

-Им благодариме на сите фондации и граѓански организации за нивните предлози, и уште еднаш да појасниме дека тоа е партиципација за болничко лекување и бенефитите од оваа мерка ќе ги почуствуваат граѓаните, вели Миле Бошњаковски, портпарол на Влада.

Од министерството за здравство објаснуваат дека оваа мерка е само за болничкото лекување и нема да има наплив од осигуреници бидејќи во болница лежат пациенти со индикација за тоа.

Воопшто не очекуваме реперкусија по листите на чекање. Истовремено, ова е вовед во натамошното реформирање на работата на Фондот за здравствено осигурување, велат од МЗ.

Според најавите, бесплатното болничко лекување ќе стартува од први јануари 2019 и ќе го чини државниот буџет 7,6 милиони евра годишно.