Свет
23. January 2020 - 12:07

Здравствените апликации за смартфон обвинети за прекршување на приватноста

Белгиското здружение за заштита на потрошувачите поднесе жалба против низа смартфон апликации за здравје поради недоволна заштита на личните податоци.

Здружението „Тест Аша“ по темелно истражување оцени дека апликациите Migraine Buddy, Sleep Cycle, SkinVision и LifeSum не внимаваат на начинот на кој ги третираат личните податоци на корисниците, ниту со кого и на кој начин ги споделува овие апликации.

Апликацијата SkinVision ги споделува името, е-маил адресата и датумот на раѓање со трети страни без согласност од корисникот, односно информацијата се појавува при употреба на апликацијата, но корисникот нема опција да одбие, што е спротивно на Регулативата на ЕУ за заштита на личните податоци од 2016-та.

Апликацијата LifeSum собира и споделува уште почувствителни податоци како тежината и висината, возраста и полот, без дозвола. Последните две, Migraine Buddy и Sleep Cycle споделуваат највеќе деликатни информации, како криза на мигрена на корисникот за првата, и времетраењето и квалитетот на сонот за втората.

Според здружението за заштита на потрошувачите овие лични податоци се споделуваат со низа компании, меѓу нив Гугл и Фејсбук, а најчесто се споделуваат со маркетиншки агенции.

-Некогаш се непознати фирми и многу е тешко да се дознае кој се крие зад нив, изјави Жули Фрер, портпаролката на здружението.

Таа додава дека постои ризик овие податоци да се споделат и со осигурителни компании кои врз основа на овие информации би можеле да одбијат да осигурат одредено лице или да му понудат поскапо осигурување.

Досието е сега во рацете на белгиските власти за заштита на личните податоци кои ќе разгледаат дали овие апликации ја прекршиле европската регулатива. Доколку биде утврдено непочитување на законот, компаниите можат да се соочат со казни до дваесет милиони евра или четири отсто од нивниот глобален приход.

Тест Аша анализирал четиринаесет апликации вкупно, од тие само Apple Health не споделува никаков личен податок со трети страни, другите девет споделуваат информации, но не од личен карактер.