Македонија
10. July 2019 - 17:05

Здравствената состојба на екс министерот Јанакиески се влошува, предупредува неговиот адвокат

Влошена е здравствената состојба на поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески, тврди неговата одбрана. Адвокатот Еленко Миланов вели дека Јанакиески кој е повторно во притвор, синоќа бил примен во градската болница 8-ми септември заради силна бубрежна болка и по укажаната лекарска помош е повторно вратен во Шутка. Јанакиески неколку денови ја одбива затворската храна незадоволен од мерката притвор иако во претходниот период секогаш бил достапен за судот, вели неговиот адвокат.

„Штрајкот е револт на однесувањето и определувањето на мерка притвор иако тој е тука. Две години е постојано во судница, три пати во притвор, актуелно во куќен притвор и секогаш е достапен и нема ниту една забелешка од ниту еден орган кој до сега го спроведувал куќниот притвор“, вели Еленко Миланов, Адвокат.                 

Јанакиески е во притвор од крајот на минатиот месец откако Обвинителството за организиран криминал и корупција отвори предмет за злоупотреба на службена положба и овластување, во кој Јанакиески е осомничен со уште деветмина.

Опзициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека десетмината осомничени непотребно се во притвор бидејќи мерката им била одредена за да не влијаат врз сведоци а според сознанијата на партијата, обвинителството во досегашната постапка нема сослушано ниту еден сведок.

„Кога веќе обвинителството нема сведоци во постапката, нема логика зошто да се држат во истражниот затвор „Шутка“. Овој случај, како и многу други само покажуваат дека власта наместо вистинска борба со криминал, се служи само со прогон на своите неистомисленици вослучаи кои се политички мотивирани со цел да се замолчи јавноста и да се заплашат сите оние кои се критички настроени кон криминалниот картел на власт“, изјави Дафина Стојаноска, ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку поради влошената здравствена состојба на екс министерот Јанакиески, неговата одбрана размислува да побара укинување на притворот и замена со друга мерка за обезбедување.                                                                           

„Законскиот услов за прво ревидирање по службена должност е со истекот на 30 дена, така што ќе видиме, ќе размислиме дали евентуално ќе пуштаме некој предлог за промена на мерката притвор бидејќи во таа насока да шпуштиме предлог и барање нема законско ограничување, но исто така нема ни обврска да судијата на претходна постапка кој што во овој момент е надлежен, да ни даде одлука“, вели адвокатот Миланов.

Јанакиески денеска присуствуваше на судењето за предметот Траекторија на СЈО. На крајот од судењето кое се одложи заради отсуство на вештак, обвинителката Лиле Стефанова пристапувајќи до обвинителната клупа на која седеше Јанакиески, му рече дека сам си го уништува животот. На ова Јанакиески кратко искоментира „Ова не е живот“. Судењето за кинеските автопати продолжува на трети септември.