Македонија
15. January 2020 - 16:39

Здравјето на Тони Трајковски го одложи „ТНТ“

Лошото здравје на Тони Трајковски го одложи судењето за ТНТ. Во судница се пожали дека не може да го следи рочиштето, а тоа го потврдиле и докторите во документот доставен до судот. Неговиот адвокат вели дека тоа е последица од физичкиот напад врз Трајковски кој се случи минатиот месец.

„Ова е од самото претепување на Тони, значи има последици по здравјето, има дијагноза од докторите  што не би сакал да ја коментирам, не е благодарно, меѓу тоа препорачуваат мирување, дека не може да учествува на судење 15 дена“, изјави Јовица Страшевски, Адвокат на Тони Трајковски.

Поради ова, обвинителството побара на Трајковски да му се суди одделно. На тоа се противеше одбраната.

„Па не може да се раздвои затоа што самото обвинителство во обвинителниот акт што го има поднесено претставува еден синџир на поврзување од првиот обвинет значи до последниот каде што има првиот го поттикнал вториот, вториот го поттикнал третиот а тој останатите и тоа е еден синџир поврзан кој што не може да се раздвои“, изјави адвокатот Страшевски.

Судот не прифати судењето да продолжи без Трајковски па следното рочиште го закажа за во понеделник.

Случајот ТНТ се суди од ново откако истече мандатот на двајца поротници и според законот за кривична постапка, со смена во поротата, судењето се враќа на почеток.