Македонија
15. May 2021 - 21:13

Збунувачки информации од македонско - грчката граница - Како најсигурно да ја преминете границата?

Со тест за антитела не се влегува во соседна Грција. И покрај најавите на премиерот и надлежните министерства, сепак, Грците не пропуштаат патници без ПЦР тест или комплетна имунизација. 

Кога станува збор за ПЦР тестот има две опции. Едната е со негативен тест не постар од 72 часа а другата е со позитивен ПЦР тест не постар од 9 месеци но и не понов од 60 дена како доказ дека сте ја прележале инфекцијата. Тоа значи дека ќе треба да си побарате позитивниот тест што сте го добиле пред да ја прележите болеста лабораторијата која ви го издала да ви го преведен на англиски јазик. 

Министерството за надворешни работи на Македонија вчера попладне во соопштение информираше дека границата ќе може да се минува и со потврда за антитела. Истата информација претходно ја соопшти и премиерот Заев а денеска ја повтори и Министерството за здравство.

„За патување во Република Грција по одлука на тамошната Влада, наши граѓани како алтернатива можат да остварат влез и со потврди дека прележале КОВИД-19, дијагностициран со позитивен ПЦР-тест или потврда за присуство на антитела со важност од 2 до 9 месеци од датум на дијагностицирањето на болеста. Потврдата треба да е издадена од јавна установа или од сертифицирани јавни или приватни лаборатории од согласно националното законодавство на земјата на пристигнување, на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик. Горенаведените обврски важат и за малолетни деца над 5 години. Во нашата земја има 20 лиценцирани лаборатории кои ги изработуваат овие тестови. “ – велат од Минситерството за здравство. 

Се јавивме и во неколку од лиценцираните лаборатории. Тие велат дека можат да издадат лабораториски извештај за присуство на антитела но не и потврда дека пациентот ја прележал болеста. Патници од Македонија кои вчера се обиделе да поминат на Евзони со вакви извештаи од лиценцирани лаборатории биле вратени назад.

И во протоколот на грчката Влада нема ниту еден збор за потврда за антитела.

Негативен тест не е потребен ако патникот го прележал вирусот во последните 9 месеци. Тоа може да биде потврдено со сертификат за прележана инфекција издаден од јавен орган или лиценцирана лабораторија. – стои во протоколот на грчката Влада.

Во моментов ниту македонските институции ниту лабораториите вакви сертификати не издаваат.

За патување во Грција задолжително е да пополните и формулар кој може да го најдете на веб сајтот на грчката Влада. Едно семејство пополнува еден формулар за сите членови. Ако сакате да патувате утре, формуларот мора да го испратите најдоцна до полноќ по грчко време или 23 часот по македонско. Имате можност да пополните формулар најрано една недела пред тргнувањето. 

И во самиот формулар ќе забележите дека има можност за влез само со вакцинација и ПЦР тест. Кога ќе ја завршите процедурата на имејл ќе добиете потврда со код за скенирање. Испринатјте ја или зачувајте ја на мобилниот телефон како слика за да не се случи да останете без интернет. На граница се врши тестирање со брз тест по случаен избор. Ако ве изберат мора да се тестирате. Ако сте позитивни ќе бидете сместени во еден од хотелите за изолација на трошок на грчката Влада. Ограничувањата за 400 премини во еден ден на Евозни веќе не важат, но границата работи само до 7 до 22 часот по македонско време. Во Грција се уште е на сила полициски час кој почнува половина час по полноќ. Правилата за носење маски се исти како и во Македонија.

Овие правила важат до 24 мај односно до крајот на идниот продолжен викенд. По него, неофицијално се најавува дека Грција дополнително ќе ги релаксира мерките што би можело да значи подигнување на границата за задолжително тестирање на деца од 5 на 10 години и можноста да биде прифатен серолошкиот тест за антитела.