Македонија
3. February 2021 - 10:24

Завршни зборови на одбраната за случајот „Монструм“

Со завршни зборови на одбраната денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да продолжи судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година.

На минатото рочиште во завршен збор, обвинителката Фатиме Фетаи, побара максимални казни за обвинетите Халил Демири и браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, обвинети за кривичното дело „тероризам”, односно директно извршување на петкратното убиство на пет лица кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година. За обвинетиот Фејзи Азири, пак, обвинителката Фетаи побара од Судот тој да биде прогласен за виновен за две кривични дела помагање на сторител во извршено кривично. За исти кривични дела, како Фејзи Азири, обвинет е и Хаки Азири. Во недостиг на докази дека го извршил кривичното дело „тероризам” од обвинение е ослободен Сами Лута.

Случајот „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Минатата недела пред ОЈО во Скопје се одржа протест во кој, демонстрантите побараа да се разреши обвинителката Фетаи и меѓународната заедница да интервенира за да има правда во случајот „Монструм“, каде според нив, се гонат невини луѓе.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, пак, вчера во интервју за Дојче веле, кажа дека повторената постапка за случајот „Монструм“ ги отстрани сомнежите за монтиран процес и оти најзначајно од сѐ, е тоа што сторителите на ова тешко дело се обвинети врз основа на неспорни и цврсти докази во законита постапка.