Македонија
6. July 2016 - 8:28

Завршната сметка на Буџетот за 2015 пред пратениците

Пратениците на денешната 108. собраниска седница ќе расправаат по Предлог-завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2015 година.

Како што рече министерот за финансии Кирил Миновски пред матичната собраниска комисија, образложувајќи го Предлогот, вкупните приходи на Буџетот биле 161 милијарда денари, расходите 180 милијарди денари, а дефицитот изнесувал 19 милијарди денари. Државниот долг бил на умерено ниво, изнесувал 38 проценти од БДП.

Според Миновски, фискалните политики предвидени за 2015 година се остварени. Извозот бележи раст во однос на увозот, а стапката на невработеност е намалена на најниско ниво досега од 24,6 проценти, покажуваат податоците во завршната сметка на Буџетот за 2015 година. 

На дневен ред на 108. седница се и Предлог-одлуката за разрешување од функцијата заменик на генералниот секретар на Собранието на РМ, Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за разрешување и избор на претседател и членови на Советот на научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, по скратена постапка.

Пред пратениците се и измените и дополнувањата на Законот за органско земјоделско производство, Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија за 2015 година, како и неколку закони од областа на образованието.