Македонија
5. November 2015 - 14:01

Завршна конференција за проектот за зајакнување на капацитетите во затворите

Завршна презентација на главните достигнувања и постигнати резултати на проектот „Изградба на капацитетите на агенциите за спроведување на законот за соодветен третман на притворените и осудените лица“, финансиран од ЕУ и спроведуван од Советот на Европа, се одржа денеска во Скопје.

Проектот е фокусиран на две главни компоненти - казнениот систем и полицијата и има за цел зајакнување на организациските и раководните капацитети на затворите за да се обезбеди целосна заштита на човековите права во односот со притворените и осудените лица. Во однос на полицијата со проектот треба да се постигне развој на капацитетите за обезбедување професионалност која ќе гарантира целосно почитување на фундаменталните права на притворените лица.

- Владата се соочува со бројни предизвици за реформи во повеќе области од општествениот живот, меѓу кои спаѓа и затворскиот систем за кој е неопходно да се доведе во тек со современите трендови за издржување на казната затвор и да се усогласи со меѓународната рамка за човекови права која ја покрива оваа област, изјави министерот за правда Аднан Јашари.

Според него, Владата е фокусирана на преземање крупни реформиски активности за развој на затворскиот систем почнувајќи од градба на нови затвори, реконструирање постојни објекти, воспоставување пробациска служба, зајакнување на капацитетите на установите, како и други активности во насока на остварување на основната цел на издржување на казната затвор, а тоа е ресоцијализација на осудени лица и нивна успешна реинтеграција во општеството.

Помошник директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи Тони Станковски рече дека почитувањето на човековите слободи и права претставува клучен дел  од правото на секоја современа држава. - Во Република Македонија, која се стреми да се приклучи кон европското семејство, човековите права на граѓаните се дефинирани со уставот, законите, како и со ратификуваните меѓународни договори, изјави Станковски.

Тој смета дека овој проект помогна за јакнење на професионализмот на полицајците, а ќе придонесе и за јакнење на организациските капацитети на Министерството во целина. Една од најзначајните придобивки од проектот, како што рече, се измените на правилникот за вршење на работите на секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди.

Проектот трае од 2013 година и е реализиран во неколку фази, а е предвидено да заврши на 30 ноември 2015 година. Во рамките на проектот е подготвен концепт за човекови права наменет како основен референтен документ на Министерството и полицијата во целина, во врска со политиката и постапките во однос на човековите права.

Шефот на одделот за соработка при Делегацијата на Европската унија Мартин Клауке  смета дека еден од приоритетите на ЕУ за човековите права е искоренување на лошото постапување, не само во земјите членки, туку и во целиот свет. - Работиме во насока кон постигнување на оваа цел преку разни начини како мониторинг и известување, поддршка на земјите и меѓународните организации и владините организации што работат во оваа област, изјави Клауке. 

За таа цел, според него, во изминатите 15 години ЕУ дава постојана поддршка за затворскиот систем и за судските институции со цел да го подобри нивното почитување на човековите права.

Донче Бошковски, проектен менаџмент при одделението за кривично-правна соработка на Советот на Европа, ги претстави резултатите од имплементирањето на овој проект.

- Во однос на полицијата тоа се развој на концептот за човекови права за полицијата, воспоставување мрежа на обучувачи за човекови права во рамки на полицијата, натамошно развивање на регулаторната и оперативната рамка за спречување на несоодветно постапување од страна на полициските службеници и набавка на опрема и мебел за подобрување на материјалните услови. Во однос на затворите е изготвена Национална стратегија за периодот 2015-2019 година, воспоставен структура за обука со акцент на управување со затвори, воведени се процедури за проценка на ризик и изготвена е нова програма за третман на осудени лица, зајакната е внатрешната контрола во затворите, истакна тој.

Проектот е спроведен во соработка со министерствата за правда и за внатрешни работи, кои се главните проектни корисници. Вкупниот буџет на проектот изнесува 2,1 милион евра, од кои 1,8 милиони евра се обезбедени од ЕУ, 100.000 евра од Советот на Европа и 200.000 евра од Владата.

Во рамки на проектот, во тек е актуелна кампања „Правата да се уживаат, обврските да се почитуваат“. Таа има за цел да обезбеди информации на граѓаните во врска со нивните права во полициските постапки и функционирањето и развојот на системите за спречување и контрола на полицијата.