Бизнис
10. May 2017 - 8:56

Завршна конференција „Мерки за поддршка на млади на локално ниво“

Завршна конференција на тема „Мерки за поддршка на млади на локално ниво – успешни локални приказни“ како дел од проектот „Градење на локални капацитети за креирање на младински политики“ финансиран од Европската унија, ќе се одржи денеска во Пробиштип.

На конференцијата ќе бидат презентирани резултатите од проектот, најдобрите практики од пилотираните мерки од областа на младинските политики на локално ниво од општините Пробиштип, Чашка и Старо Нагоричане.

Во рамки на конференцијата ќе се одржи и тркалезна маса на тема „Соработката помеѓу граѓанските организации и локалните власти со цел вклучување на младите на пазарот на труд“.

Проектот „Градење на локални капацитети за креирање на младински политики“ има за главна цел да ги вклучи младите во процесот на одлучување и поставување на механизми за долгорочен развој и имплементација на локални младински политики. 

Проектните активности се реализираа во времетраење од 18 месеци, а ги имплементираа партнерските организации Фондација Претприемачки сервис за млади и Фондација Евро Центар, во соработка со општините Чашка, Пробиштип и Старо Нагоричане.