Бизнис
25. July 2015 - 11:47

Заврши жетвата на јачмен во Кумановско

Заврши жетвата на јачмен во општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане. Годинава жетвата почна порано во однос на лани, поради високите температури, информира подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

- Жетвата на пченицата привршува и досега ожнеани се 85 отсто од насеаните површини, изјави Бранкица Димковиќ од подрачната единица на МЗШВ.

Таа истакна дека приносите на јачменот и на пченицата кај семејните стопанства се послаби во однос на минатата година.

- Приносите се движат од 1.500 до 2.000 килограми и на двете култури, што се должи на лошите временски прилики. Кај претпријатијата приносите се поголеми во однос на индивидуалните земјоделци, но и таму се послаби во однос на лани, истакна Димковиќ.

Пченицата годинава се сеела на површина од 12.820 хектари, од кои најголем дел сееле индивидуалните земјоделци на 10.820, а претпријатијата на површина од 2.000 хектари. Јачменот бил засеан на 8.713, од кои на 1.000 хектари сееле претпријатијата, а производителите на 7.713.

Земјоделците од трите општини сееле и целосно ја завршиле жетвата на рж на површина од 347 хектари, како и на овесот кој годинава се сеел на површина од 901 хектар.