Балкан
14. September 2016 - 10:24

Заврши состанокот на ХДЗ и Мост, преговорите ќе продолжат во понеделник

Повеќе од четири часа траеа преговорите за формирање на новата хрватска влада во седиштето на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) во Загреб, а понатамошните разговори се предвидени за во понеделник. 

„Вечерњи лист“ наведува дека синоќа околу 21.30 часот, претседателот на ХДЗ Андреј Пленковиќ и лидерот на Мост Божо Петров дале изјава пред новинарите. 

- Оние работи кои ги наведовме пред десетина дена, само за нив разговаравме, истакна Петров и додаде дека „ова е еден мал почеток и залог за понатамошна соработока“. 

Тој истакна дека Мост добила конструктивен предлог од другата страна. 

- Имаме позитивни впечатоци. Ќе ми биде мило ако вака се продолжи, нагласи Петров. 

Пленковиќ ја потврди најавата на Петров за новите преговори кои ќе се одвиваат  во понеделник во 15.00 часот. 

- Сакаме да го искористиме времето кое ни го дозволува Уставот за целосен договор. Хрватска нема време долго да чека, следниот состанок е за една недела, објасни Пленковиќ.

Пленковиќ претходно синоќа, за време на паузата од состанокот, во интервјуто за хрватската телевизија „РТЛ“ изјави дека ХДЗ, најдобро пласираната партија на предвремените избори во Хрватска, разговарала со претставниците на националните малцинства, но дека не разговарале за тоа дали малцинствата ќе имаат место во новата влада. 

Пленковиќ наведе дека „очекува стабилна влада со јасна програма за наредните четири години“. 

- Изгубив десет килограми, секој би бил изморен на мое место, секој ден бев во кампањата, вистина е дека сум уморен, но нема ниту време ниту волја за замор, заклучи Пленковиќ. 

На прашањето дали Мост ќе го препушти местото на претседател на владата, потенцира дека за хипотетички прашања не сака да зборува.