Македонија
15. јуни 2019 - 19:30

Заврши фестивалот ,,Војдан Чернодрински‘‘

Претставата „Бакхи – краток преглед на распадот“ во изведба на Битолскиот театар, а во режија на Игор Вук Торбица е победник на годинешното 54-то издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Одлуката била едногласно донесена од страна на жирито во состав Бедија Беговска, како претседател и Љиљана Богојевиќ и Маја Вељковиќ како членови.

„Се зема се во целина и начинот на кој режисерот работел со актерите, како функционира костимот, сценографијата, музиката, нивниот однос кон сето тоа, колективната игра, поединечната игра на моменти кога сето тоа е потребно“, истакна Бедија Беговска, претседател на жирито.

Наградата за режија ја освои Игор Вук Торбица за „Бакхи – краток преглед на распадот“. Награда за главна женска улога доби Марија Спиркоска Илиеска за Велика во претставата „Пиреј“ на прилескиот театар од каде доаѓа и наградата за главна машка улога на Александар Степанулески за ликот на Јон.

Награда за машка епизодна улога доби Гзим Жерка за улогата на Сент-Жист во претставата „Смртта на Дантон“ од Албанскиот театар, а наградата за најдобра женска епизодна улога замина во рацете на Биљана Драгиќевиќ Пројковска за улогата на Карлота во претставата „Странци“ на Драмски театар Скопје.

„Навистинан сум пресреќна и сум многу задоволна со одлуката на жирито, а уште повеќе кога таа одлука на жирито ја поддржува и публиката“, рече Марија Спиркоска Илиеска, награда за главна женска улога.

„Највредно е тоа што публиката не вреднува нас актерите. Векот на претставата или улогите е токму наградата која ние секојдневно ја добиваме од публиката“, вели Биљана Драгиќевиќ Пројковска, наградата за најдобра женска епизодна улога.

Доделувањето на наградите ќе биде вечерва кога за прв пат ќе се додели и новововедената награда од публиката.