Македонија
21. јуни 2017 - 13:02

Заврши асфалтирањето на локалниот пат до Перчачко маало во Каменица

Заврши асфалтирањето на локалниот пат до Перчачко маало во селото Моштица, Македонска Каменица.

Патот е во должина од 2,7 километри, ширина на коловозот од 3,5 метри, со банкини од двете страни со ширина од 0,75 метри и со решено атмосферско одводнување.

Градоначалникот Дарко Митевски, кој беше на увид на завршните работи со асфалтирањето, истакна дека овој локален пат се асфалтира со средствата кои општина Македонска Каменица ги доби како грант од ЕУ во износ од 260 илјади евра за имплементација на проектите „Изградба на локален пат во село Моштица – до Перчачко маало“ и „Изградба на локален пат во село Саса – до Сарафско маало“.

- Денес сме сведоци на реализацијата на уште еден инфраструктурен проект кој ќе биде од големо значење за жителите кои живеат во овој дел од општината. Завршува асфалтирањето на локалниот пат до Перчачко маало во селото Моштица и можам со задоволство да истакнам дека уште еден приоритетен инфрасруктурен проект е реализиран, истакна Митевски.

Тој додаде дека средствата обезбедени од програмата на ЕУ за рурален развој на општините,  Македонска Каменица ги искористи за решавање на долгогодишни инфраструктурни проблеми во Општината.

- На барање на Владата, Европската Унија (ЕУ) се согласи да обезбеди 15,5 милиони евра за развој на руралната инфраструктура. Вкупниот износ на програмата, вклучувајќи го и кофинансирањето од страна на Владата изнесува 20.667 милиони евра. Програмата ја имплементира Министерството за финансии, а е администрирана од страна на Светска банка. Овие средства им се доделуваат на општините во форма на грантови и треба да придонесат за подобрување на инфраструктурата во руралните области. Во таа насока, „Грантот кој го добивме со помош на ЕУ ИПА инвестицискиот фонд во износ од 260.000 евра е за изградба на локални патишта, рече Митевски.

Тој додаде дека во моментов се подготвува тендерска документација за асфалтирање на неколку мали локални патишта во селските средини со што се одржува ветување дадено пред граѓаните за асфалтирање улици до секое маало во селските средини.