Македонија
20. August 2019 - 13:32

Заврши 9-тото издание на фестивалот ,,Пображење”- Вевчани

Синоќа на анфитеатарот во центарот на Вевчани заврши 9-тиот по ред фестивал на народна култура ,,Пображење”- Вевчани.

На завршната вечер со своја целовечерна програма се претставија членовите на Вокално -инструменталниот состав ,,Аманет” од Скопје, а дел од народната култура на Хрватска презентираа и членовите на фолклорниот ансамбал при центарот за традиционална култура од Вараждин.

Во рамките на програмата беше промовирано и ликовното дело на Аница Китаноска-Вевчанска која оваа година беше учесник на фестивалот во програмската содржина: ,,Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници”.

Стручниот совет на фестиваот: проф.др Мирјана Мирчевска, проф.др Даворин Трпевски, проф.др Велика Стојкова-Серафимовска, Јовица Блажевсли и Наташа Кукоска одлучија оваа година Плакетата ,,Чувари на традицијата” за најуспешна презентација на фестивалот да ја доделат на ВИС,, Аманет” од Скопје.

Многубројната публика со силни аплаузи ја поздрави одлуката, а уште повеќе со аплаузи ја поздравуваше секоја нивна песна и инструментална изведба.

- Многу сме задоволни од годинешното издание на фестивалот, бидејќи програмата се реализира во целост без никакви технички  проблеми и пропусти, сите фестивалски вечери беа проследени од многубројна публика, имавме многу групи од различни држави кои успеавме да ги дочекаме, угостиме и испратиме среќни и задоволни и уште еднаш потврдивме дека КУД,,Дримкол” од Вевчани е достоен чувар на традицијата во нашето место и држава, секое успешно завршено фестивалско издание за нас е среќа, задоволство, но, и обврска за уште поуспешно следно издание на ФНК,,Пображење”- вели Јасмина Бебекоска, програмски координатор на фестивалот.

Овој фестивал од година во година расте и се развива, а од мината година се впиша и во календарот на ЦИОФФ.