Македонија
20. July 2019 - 16:30

Зависниците од Кисела Вода се селат во Аеродром, Карпош и Ченто- граѓаните реагираат

Не смее да се дозволи зависници да земаат метадонска терапија во здравствена установа околу која има детски градинки, училиште и големи станбени објекти. Вака реагираат жители од Аеродром откако министерот за здравство најави дисперзирање на Центарот за зависности во Кисела Вода и префрлање на дел од корисниците на метадот во поликлиниката Јане Сандански. Жителите велат дека ова место во населбата е мирно а во парковите пред зградите постојано шетаат млади брачни парови со деца. Не сакаат идилата да им ја расипат шприцеви и игли низ тревата, кои можат да бидат и опасност по здравјето.

-Не е во ред тоа, овде има многу деца, има градинка, овде млади во парковите се одмараат. Мислам дека ќе има отпор од младите..

-Не се согласувам да биде овде, ако треба нека им бараат друго место, реагираат жители од Аеродром.

На 40 метри од поликлиниката има детска градинка со голем двор. Од другата страна е училиште. Но и покрај фактот дека има многу деца околу здравствената установа, има граѓани на кои не им ПРЕЧИ во објектот да има и центар за зависници.

-Не ми смета, и тие се луѓе и имаат потреба од помош, вели жителка на Аеродром.

Револт нема само во општина Аеродром. На социјалните мрежи има реакции и од жители од  населбата Ченто во чија поликлиника ќе завршат дел од зависниците а од Карпош објавуваат слики како изгледа кога зависници во паркови ја земаат терапијата.

И додека граѓаните револтирано реагираат за одлуката на здравствените власти, министерот Филипче е категоричен дека дисперзијата на Центарот за зависности е најдоброто решение.

-Така е најдобро, помал број на повеќе локации и со тоа нема да имаме реакции кај локалното население и ќе се избрише онаа лоша слика, а тие ќе добиваат не само терапија туку и психосоцијална помоиш, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Според најавите од Министерството за здравство новиот модел треба да почне да функционира од семптември. Мал број од зависниците ќе останат во Центарот во Кисела Вода а останатите ќе бидат прераспределени во поликлиниките Јане Сандански и Ченто, во болницата во Бардовци и во ГОБ 8ми септември.