Македонија
23. July 2019 - 16:17

Зависниците ќе примаат терапија пред очите на лекарите

Зависниците ќе го земаат метадонот пред лекар, а освен терапија ќе добиваат и и психосоцијална помош. Министерот за здравсто на вчерашниот состанок со скопски градоначалници и невладини организации се договорил дека дисперзија на Центарот за зависности од Кисела Вода е најсоодветното решение за овој децениски проблем. Освен во поликлиниките во Јане Сандански и во Ченто како и во болницата во Бардовци, Филипче најави вакви пунктови и во Ѓорче Петров, Чаир и Шуто Оризари.

-  Во исто време ќе работиме со локалното население, за да им укажеме дека сликата која сега ја имаат не е вистинската и таа која ќе биде ако се случи дисперзијата, заради тоа што концентрацијата на огромен број случаи, над 500 пациенти кои се лекуваат во Кисела Вода, е главниот проблем. Со помал број пациенти на повеќе места едноставно нема да има проблем во однос на медицинскиот отпад, заради тоа што нема да биде расфрлан како што е сега заради огромниот број пациенти, ниту ќе има проблематични случаи, бидејќи покрај медицинскиот третман ќе има и психосоцијална поддршка, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Филипче со уверување до локалното население дека зависниците нема да добиваат терапија за неколку денови како што е сегашната слика во Кисела Вода, која потоа ја препродаваат или се боцкаат во дворот од Центарот а шприцевите ги фрлаат наоколу.

-Постои Центар за третман на зависници во ГОБ „8 Септември“ и таму не сме слушнале за никаков проблем и таму има училишта, градинки. Со оглед на тоа што е мала бројка, тие пациенти не доаѓаат секој ден, ја примаат терапијата пред лекарите и на тој начин прво соодветно се лекуваат и второ се елиминира можноста за злоупотреба, изјави Филипче.

Министерот за здравство ги седна на маса сите инволвирани во оваа проблематика откако прво на протест излегоа жители на Гази Баба а пред два дена протестираа и Аеродромци. Филипче разговарал и со МВР, дококу има потрерба и од обезбедување на дисперзираните пунктови.

Освен во Скопје, во внатрешноста има уште 9 центри за зависници, а метадонска терапија во државата земаат 1950 пациенти.