Македонија
13. јуни 2018 - 19:34

Затворски казна за двајца обвинети за нападот врз Села

„Му го спасив животот а ме осудија“, вака обвинетиот Стојан Павлевски ја искоментира три годишната затворска казна за кривичното дело насилство. Првично тој беше обвинет за обид за убиство на Зијадин Села, но во судската постапка, обвинителството го промени обвинителниот акт бидејќи се утврдило дека тој не учествувал во тепањето на Села.

За  насилничкото однесување во Собранието на 27 април минатата година, затворска казна заработи и Цејо Ѓоргиевски. Осуден е на една година и два месеци.

Во образложението на пресудата, судијата Славица Андреевска потенцираше дека Павлевски добил повисока казна оти тој бил првиот кој влегол во собранискиот прес центар, а со насилничкото однесување го загрозил животот на пратениците.

„Ако некој си зема за право вака да влегува и да се однесува во законодавниот дом, што се случува  со останатите објекти, што се случува со домовите на граѓаните“, напиша во пресудата Андреевска.

Инаку За обидот за убиство на Села, на обвинителна клупа остануваат седуммина. Судската расправа за нив продолжува идниот месец за кога се закажани завршни зборови.