Македонија
19. November 2017 - 14:49

Затворени 19 угостителски објекти и приведени 26 лица при контроли во Тетово и Гостивар

Приведени се 26 лица, а издадени се забрани за работа на 19 угостителски објекти во Тетово и Гостивар при контрола што ја спровеле ноќеска полицијата, УЈП и Државниот пазарен инспекторат во 31 објект во овие подрачја. Акција е спроведена и на подрачјето на СВР Битола, но не се констатирани посериозни прекршувања на законите. На подрачјето на СВР Велес, пак, при алкотестирање на 232 возачи, е утврдено присуство на алкохол кај 29.

- За  време на контролата се приведени 26 лица, 16 македонски државјани поради поседување наркотична дрога и непоседување документи за лична идентификација и 10 странски државјанки, девет од Србија и една од Црна Гора поради злоупотреба на туристички престој и нерегулиран престој во РМ, изјави денеска Лазе Велковски, директор на Бирото за јавна безбедност.

Забраните за вршење дејност се во траење од 15, односно 30 дена, за непоседување фискален апарат и неиздавање фискална сметка, но и заради вршење угостителска дејност без регистрација.