Македонија
2. April 2020 - 17:00

Затворена амбулантата на прилепскиот градоначалник, тој тврди дека немал контакт со заразената сестра

Затворена е амбулантата „Ортомедика“ во сопственост на прилепскиот градоначалник Илија Јованоски поради заразување со корона вирус на една од медициинските сестри. Во амбулантата работеле четворица. Градоначалникот денеска ги демантираше информациите кои кружат на социјалните мрежи дека и тој имал контакт со заболената од Ковид-19.

„Во последните 15-тина дена воопшто се немам сретнато со никој од овие вработени во оваа здравствена организација. Со најголема индигнација ги отфрлам ваквите дезинформации. Веднаш после потврдувањето на случајот, согласно препораките на надлежните служби, амбулантата е привремено затворена, а останатите членови од медицинскиот персонал се наоѓаат во самоизолација. Тие разговараа со епидемиолошката служба и им беше кажано дека во наредните денови ќе им бидат земени брисеви и ќе бидат тестирани“, истакна Илија Јованоски, градоначалик на Прилеп.

По вчерашното затворање на една текстилна компанија во Прилеп поради тоа што една од вработените се зарази со корона вирусот, денеска во Прилеп се отвора прашањето дали истото може да и се случи и на најголемата странска инвестиција во овој град Гентерм.

„Јас денеска разговарав со директорот на компанијата Гентерм каде што еден од вработените таму, неговото дете е со позитивен тест на корона вирус, мојата сугестија беше да се консултира со епидемиолошката служба во Прилеп, го упатив таму и да се преземат сите предострожности и сите мерки за најдобра можна комбинација како би работела фабриката“, додаде Јованоски.

Од Гентерм велат дека сè уште немаат потврден случај на Ковид -19 од нивните вработени. Потврдија дека имаат вработен кој бил во близок контакт со лицие кое било позитивна на корона вирус. Работникот е во самоизолација, бил тестиран и резултатите се чекаат за неколку дена.

„Сите вработените кои биле во некаков близок контакт со овој вработен се пратени дома во самоизолација во наредните 14 дена. Фабриката ќе била затворена на 2 април поради дезинфекција, а сите активности се во координација со Општина Прилеп и Центарот за јавно здравје. Се почитуваат и сите други мерки како социјално растојание на работниците, мерење на нивната телесна температура, чистење на објектот неколку пати во смена, дезинфекција на автобусите за превоз на работници, обезбедување на гелови за дезинфекција на секој вработен како сите и останатите препораки на СЗО, Владата и локалната самоуправа на Прилеп“, велат во писменото соопштение од Гентерм.