Македонија
10. March 2020 - 14:12

Затворање на градинките, училиштата и универзитетите во следните 14 дена, препорака на Комисијата, која ќе ја разгледа Владата

Четиринаестдневно затворање на градинките, училиштата и универзитетите, препорачува Комисијата за заразни болести, која се составува заради преземање дополнителни мерки за справување со коноравирусот, откако досега во земјава се регистрирани седуммина заболени, меѓу кои и директорката на Клиниката за кожни болести.

Мерките, кои ги препорачува Комисијата, се доставени до Владата и за нив треба да се расправа, велат владини извори за МИА.

Комисијата за заразни болести препорачува заострување на мерките и упатува сите основни, средни и високообразовни и институции, како и детски градинки, да запрат со одвивање на наставно-воспитниот процес во наредните 14 дена.

Се забрануваат сите масовни собири на отворено и затворено, сите културни настани на ниво на РМ, а спортските настани да се одвиваат без публика.

Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица, кои доаѓаат од високо и средно-ризичните држави во период од 14 дена.

Се забранува извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од земјава, освен со посебна довола од Министерството за здравство.

Се препорачува избегнување на патување во земји со висок и среден ризик. Се препорачува на возрасните и повисоко ризичните категории на граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз.

Вработените во јавните здравствени установи, кои се ангажирани за потребите на изборниот процес да бидат изземени од натамошно учество и да бидат заменети со други лица.

Листата на земји со висок и среден ризик ќе биде поставена на страната на Министерството за здравство и таа ќе биде секојдневно ажурирана.

Да се воведе хелт локатор карта за сите летови и за сите авиокомпании.

Тие што не ги почитуваат и ги прекршуваат препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.

Препораките треба да бидат разгледани на Влада, а денеска во 14:00 часот прес-конференција ќе одржи министерот за здравство Венко Филипче.