Свет
22. January 2016 - 12:12

Засилени протестите низ Тунис против големата невработеност

Протестите против невработеноста, кои на почетокот на неделата се појавија во западната туниска провинција Касрин, веќе зафатија и други делови од земјата, вклучувајќи ја и престолнината Тунис, прераснувајќи во најголемите демонстрации од востанието во 2010 година, пренесе ДПА.

Демонстрантите синоќа нападнаа неколку полициски станици и запалија возила на безбедносните сили во престолнината Тунис, северозападниот град Џендуба и северната провинција Кајруна, информира портпаролот на Министерството за внатрешни работи.

Во сиромашниот западен кварт на престолнината Етадамен беа ограбени неколку продавници и две банки.

Во централниот град Сиди Бузаид, од каде во 2010 година тргна востанието, избија судири меѓу демонстрантите и силите за безбедност. Нема информации за настрадани.

Во обид да ги смири тензиите во Касрин, Владата во средата донесе неколку мерки за борба со безредијата, вклучувајќи го и создавањето на 5.000 нови работни места и финансирањето на малите проекти во оваа провинција.

Се смета дека нивото на невработеност во Тунис достигна 15 проценти од работоспособното население, што е зголемување за три проценти во однос на 2010 година.