Македонија
27. April 2018 - 9:57

Засилени контроли на нецелосно вакцинирани деца во Кумановско

Епидемиолозите од  Центарот за јавно здравје во соработка превентивните тимови за имунизација од  Здравствен дом, Куманово, во рамките на одбележувањето на Европската недела за имунизација во тековната недела, детално ги проверуваат картоните на децата кои подлежат на вакцинација од регионот на Куманово, Липково и Старо Нагоричане, со цел да се пронајдат децата кои воопшто или нередовно се вакцинирани.
 
- Превентивните тимови, согласно предвидениот план и програмата за имунизација одат на терен во поодалечените села во Липково и Старо Нагоричане каде што ги вакцинираат децата од предучилишна и училишна возраст, изјави доктор Јадранка Стаменковска, координатор за имнузација од Центар за јавно здравје и епидемиолог. 
 
Последнава година, додава Стаменковска, се бележи нешто помал опфат, за пооделни вакцини, меѓу кои најнизок за МРП вакцината, што се должи, како што подвлече, на антивакциналната кампања која најмногу делува на  родителите од урбаните средини.
 
- Годинава преку едукативен материјал наменет за родителите ги информираме за најчестите прашања и одговори поврзани со безбедноста на вакцините. Материјалот е достапен во градинки, ординации на матични лекари, училишта, појаснува Стаменковска.
 
Тежнееме, додаде Стаменковска, опфатот да биде уште поголем, бидејќи, како што објасни вакцинацијата е една од најисплатливите здравствени интервенции. Потсети дека бенефитите од воведувањето на поливалентните вакцини се повеќекратни. Според доктор Стаменковска, се намалува бројката на одење во диспанзерите, се намалува одложувањето на вакцинацијата поради настинки, тимовите кои ја спроведуваат вакцинацијата имаат можност да посветат повеќе внимание на превентивните прегледи, да разговараат со родителите и да ги посоветуваат.
 
Европската недела на имунизација се спроведува под мотото „Заштити, спречи, вакцинирај“.