Македонија
22. July 2019 - 16:47

Засилени безбедносни контроли во Струмица поради поплаки од граѓаните

Зачестени контроли и санкции за сите кои го нарушуваат јавниот ред и  мир и безбедноста на граѓаните, најавуваат од општина Струмица. Ова доаѓа како одговор на се поголемиот број пријави од граѓани кои се жалат на гласната музика во доцните вечерни часови, голема бучава од моторите кои не ретко ги возат и малолетници, но и узурпацијата на тротоарите за паркирање на возила.

За овие проблеми беше разговарано и на средбата помеѓу градоначалникот и надлежните од СВР Струмица при што е заклучено во иднина да се интензивираат заедничките контроли. Доколку предупредувањата  и понатаму не даваат  резултат да се применат законски предвидените санкции.

,,Повеќекратните предупредувања очигледно кај некои субјекти не даваат плод и веројатно ќе мора по ригорозно да се оди на оние мерки кои што никој не ги посакува, меѓутоа за тоа се измислени. Законски санкции кои што на некој начин и превентивно ќе делуваат кон  другите сограѓани бидејќи ги ставаме во една нерамноправна положба нашите сограѓани ако дозволиме некои наши сограѓани да имаат некои бенефиции кои што ги надминуваат рамките на законот“, вели Коста Јаневски – градоначалник на општина Струмица

Од СВР Струмица информираат дека тие се постојано на терен и делуваат во сите сегменти на безбедноста на граѓаните согласно нивните капацитети, но и приоритетите. Во иднина заедно со јавното претпријатие за паркиралишта  најавуваат зголемени мерки и активности во делот на непрописното паркирање.  Продолжување на мерките најавуваат и во делот на прекумерната бучава од угостителите.

,,Во континуитет се преземаат мерки во однос на бучавата која што се предизвикува од страна на угостителските објекти. Исто се преземени, се констатирани повеќе прекршоци кои што се однесуваат на пречекорување на бучавата , потоа присуство на малолетници, точење на алкохол на малолетници. Ваквите акции во континуитет ќе продолжат“, вели Томе Васев, началник на полицијата при СВР Струмица.

Од почетокот на јуни полициските инспектори направиле 25 контроли во угостителските објекти во Струмица при што се регистрирани повеќе прекршоци. Во 8 угостителски објекти музиката што се пушта била над законски дозволената јачина, во 6 случаи е  регистрирано присуство на малолетници после 24 часот, додека во три објекти на малолетниците им се точел алкохол.