Бизнис
25. September 2018 - 17:58

Заштитата на животната средина приоритет за рудникот Саса

Делегација предводена од заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, престојуваше во работна посета на рудникот за олово и цинк Саса.

Генералниот директор на рудникот Олег Телној, на средбата на која присуствуваа и претставници на Управата за животна средина придружувани од градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, ги запозна присутните со најсовремените практики и стандарди кои рудникот ги применува во насока на заштита на животната средина.

- Пред гостите ги претставивме сите клучни аспекти од работата и развојот на рудникот, почнувајќи од технолошкиот процес, вложувањата во современа рударска опрема, структурата на вработените и грижата за нивната благостојба. Значењето на рудникот за просперитетот на локалната заедница и неговите континуирани активности и поддршка што ја обезбедува во областа на спортот, културата, образованието, животната средина, социјалната сфера и ранливите општествени групи е од мошне големо значење, што за нас ќе биде приоритет во наредниот период, рече Телној.
 
Едни од основните начела на рудникот, како што истакна Телној, се вложувањата и активностите на рудникот поврзани со грижата за здравјето и безбедноста при работа, како и заштитата на животната средина како исклучително важни сегменти во САСА.
 
За Министерството, беше речено, е од особено значење што рудникот во своето работење ги применува најсовремените индустриски практики и стандарди за управување меѓу кои стандардите за заштита на здравјето и безбедноста при работа, за заштита на животната средина, како и за лабораториски испитувања.
 
САСА е првиот рудник во земјата, кој што поседува A интегрирана еколошка дозвола.