Македонија
15. July 2019 - 17:59

Заразени кучиња скитници сериозен проблем во Штип

Состојбата со кучињата скитници заразени со лишманија во Штип е алармантна, вели првиот човек на штипската ветеринарната станица, задолжена за заловување и третман. Деновиве, здруженијата за заштита на животните по социјалните мрежи упатија критики за начинот на третирање на заразените кучиња, по што ветеринарите побараа медиумите директно да се вклучат во акциите, за да се види за какви кучиња станува збор.

-Штип е град во кој во моментот болеста лишманија е опасна, како за животните, така и за луѓето. До сите оние најдобронамерни љубители на кучиња, сфатете дека се работи за акција која мораме да ја спроведеме и која е зададена од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и општина Штип- изјави Крсте Митев, директор на ветеринарна станица- Штип.

Митев додаде дека тие ќе истраат во нивната намера, независно од коментарите, бидејќи, како установа ќе сносат одговорност доколку се појави случај на лице заболено од лишманија, а здравјето на граѓаните е нивен приоритет. Бројот на кучињата постојано расте, затоа што општината е единствена во регионот која се зафати да го решава овој горлив проблем.

-Со оглед на тоа што ни донесуваат кучиња и од други општини, ние настојуваме да ги фатиме тие што се пуштени овде кај нас и да видиме од каде всушност ни ги донесуваат кучињата- изјави Митев

Втор проблем се несовесните граѓани кои ги оставаат мали само што окучени кутриња, кои се нај подложни на зараза.

-Верувајте дека во секој дел на градот има  оставени по 10, по  12, по 6, по 8 кутриња на милост и немилост- додаде Митев

Во Штип функционира и стационарот за бездомни животни. Кучињата се вакцинирани и кастрирани и секој што сака да вдоми, може да го стори тоа бесплатно.