Заради високата цена на цигарите се намалува бројот на пушачи во Македонија | Сител Телевизија
Бизнис
19. April 2017 - 20:46

Заради високата цена на цигарите се намалува бројот на пушачи во Македонија

Цигарите и натаму ќе поскапуваат. Предвелигденкото покачување на цената на одредени брендови, не било поради зголемената акциза, која ќе стартува во јули, туку политика на фирмата. Сепак, од Империјал Тобако велат дека може, но и не мора веќе поскапените цигари  за неколку месеци да  добијат повисока цена. Со измените во законот за акцизи, од јули за секоја цигара акцизата се зголемува за 0,20 денари, што значи по 4 денари за кутија.

-На формирањето на продажната цена влијаат многу фактори, не само акцизата. Последното поскапување на цигарите беше интерна одлука, на компанијата, согласно сопствените проценки за нејзиното позиционирање на пазарот, потенцира Стеван Вранеш, од Империјал Тобако .

Зголемената цена на цигарите, намалената куповна моќ кај граѓаните и  законските прописи кои го ограничуваат пушењето се причината за намалување на бројот на пушачи

-Потрошувачката на цигари во Македонија последниве четири години бележи континуиран пад од 2 до 4 отсто, а ваквиот тренд е евидентен и во Европа каде веќе 15 години консумацијата се намалува за 2 до 6 проценти. Клучни причини за намалувањето на потрошувачката на цигарите се куповната моќ на граѓаните, промената на цените, здравствениот аспект, а во последно време и законската регулатива која забрани пушење во затворен простор., изјави Кирил Величковски, директорот на Империјал Тобако за македонскиот, албанскиот и косовскиот пазар

И покрај трендот на намалување на пушачите, македонците се пушачка нација, Дневно во просек пушат по 18 до 19 цигари.