Македонија
10. October 2019 - 10:37

Заради извоз на сомнителни јагоди две лица од Сарај и инспектор од Куманово заработија кривични пријави

СВР Куманово поднесе кривична пријава против М.Ф.(31) од општина Сарај, Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување исправа“, против Ш.Ф.(54) од општина Сарај, Скопје и Друштво за трговија и услуги Алб Инвест Хоузе ДОО Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ и против Ш.А.(56) од Куманово, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

M.Ф., сопственик и управител на правно лице ДТУ Алб Инвест Хоузе ДОО Скопје, во март 2019 година набавил 20.838 килограми јагоди спакувани во 3.532 колети, со непознато потекло и со сомнителен квалитет, за кои не постои никаков документ за нивната набавка. Тој, заедно со Ш.Ф., како полномошник кој го застапува правното лице во трговското работење, на 02.04.2019 година го ангажирале правното лице Даути Транспортшпед АД од Скопје, во име на правното лице, да ја подготви целокупната документација за извоз на набавените јагоди.

Ш.Ф. по овластување од М.Ф истиот ден, изготвил лажна изјава дека јагодите ги откупил од наши земјоделци и дека се со потекло од Р.С. Македонија и ја приложил кон Пријавата за добивање на Фитосанитарен сертификат за извоз на пратки кои подлежат на фитосанитарна инспекција и Барањето за издавање на фитосанитарен сертификат за извоз на јагодите во Р.Србија.

Ваквата документација пријавените ја приложиле кај Ш.А., вработен во Државен инспекторат за земјоделство - Фитосанитарна инспекција, како фитосанитарен инспектор на ГП Табановце, кој на 02.04.2019 година ги злоупотребил службената положба и овластување на начин што со некомплетна документација, прифаќајќи ја само лажната изјава изготвена и доставена од М.Ф и Ш.Ф, изготвил, потпишал и заверил Фитосанитарен серификат, со кој одобрил извоз на јагоди во Р.Србија со непознато потекло и неутврден кавалитет.