Македонија
16. September 2021 - 16:42

Запрени градежните работи на модуларните амбуланти, МЗ очекува да се почитува договорот

Што се случува со монтажните здравствени објекти? На терен не се работи, а Министерството за здравство тврди дека изградбата не е стопирана. Неколку дена нема работници на монтажните бараки кои се градат по примерот на модуларните болници. Ваква беше сликата и на објектот во Бутел кој е во понапредна фаза.

Денеска немаше градежни активности на местото на старата амбуланта која се наоѓа веднаш до општината Бутел.

Граѓаните кои живеат во близина велат дека веќе трет ден не виделе работници.

Теренски активности вчера немаше ниту на просторот во Ѓорче Петров, а ваков објект за примарна здравствена заштита треба да се гради и во Ново Лисиче.

Од Министерството за здравство кој е инвеститор на трите монтажни амбуланти велат дека не добиле никакво известување од изведувачот дека е запрена нивната изградба туку истата се одвивала согласно планираните активности.

- Во тек се консултации и стручни согледувања, пресек по однос на изведените градежни и градежно-занатски работи со стручниот надзор, ангажиран од страна на Министерството за здравство.

По согледувањето од стручниот надзор, а во врска активностите на терен се работи на дообезбедување на инфраструктурни приклучоци и запазување на временски рамки поврзани со градежниот процес, стои во одговорот од МЗ.

Од здравство напоменуваат дека рокот на реализација за изградба на објектите е 60 дена.