Македонија
6. March 2018 - 20:35

Запрена продажбата на блиндираниот „мерцедес“

Владата вечерва на седница одлучи да ја стави во мирување продажбата на „мерцедесот“  вреден 600.000 евра што го набави претходнтата влада, со цел да осигури дека никој нема да ја искористи оваа постапка за да избегне одговорност во судскиот процес каде ова возило е материјален доказ. За набавката на „мерцедесот“ СЈО отвори предмет „Тенк“ кој е во судска постапка. 

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски по завршувањето на 57-та владина седница изјави дека е прекината постапката за измена на Планот за управување со Националниот парк „Галичица“ и се утврдени и имплементирани препораките на УНЕСКО со кои Охрид останува светско културно наследство.

- Финализираат работите на автопатот Демир Капија – Смоквица. Оваа делница од автопатот ќе биде пуштена по 15 април, рече Бошњаковски.

Владата го формираше и Советот за следење на имплементацијата во правосудството за период 2017-2022.

- Со ова тело претседава премиерот Зоран Заев, а помеѓу членовите на ова тело не се наоѓаат имињата на оние кои во изминативе 11 години беа дел од негативните појави во правосудството, додаде Бошњаковски