Македонија
14. October 2024 - 16:37

Запрена постапката за Универзална

Незаконски било примопредавањето на ингеренциите на Универзална сала од Град Скопје на Министерството за култура, тврди министерот Зоран Љутков. Целата документација за овој процес ја предал на обвинителството. Изградбата на салата е стопирана, а целата постапка за преземање на нејзините надлежностите ќе почне отпочеток.

Дополнително, првиот човек на култура тврди дека склучениот договор меѓу култура и Град Скопје не бил заверен на нотар.

Екс министерката за култура денеска не сакаше да ги коментира обвинувањата на Љутков. Побаравме став и од Град Скопје, но не го добивме.

И додека Обвинителството ќе ја разгледува документацијата, Љутков отпочеток ќе ја започне целата постапка за преземање на ингеренциите за Универзална. До Владата доставиле барање за менување за Законот за култура со кој министерството ќе може да врши реконструкции на објекти кои се во општинска сопственост, бидејќи со сегашниот, министерството не може да гради објекти кои не се национални установи. Согласно неговите најави, нова универзална сала Скопје ќе добие до 2028 година.