Македонија
5. July 2019 - 16:44

Започнува акцијата за санација на железничката пруга кај Куманово каде пред 4 дена излета товарен воз

Вагоните се отстранети, а пругата се санира и до утре повторно ќе биде во функција, информираат надлежните. Откако заврши увидот на местото на железничката несреќа, што се случи пред четири дена, денеска на пладне започна акцијата за отстранување на 11-те излизгани вагони, како и за реконструкција на оштетениот дел од пругата. Надлежните очекуваат дека во текот на ноќта пругата повторно ќе биде пуштена за сообраќај.

“Проценката на штетата се состои од 2 дена, на Инфраструктурата и на Транспорт, односно на вагоните. За Транспорт јас не може да зборувам колкава е штетата, меѓутоа можам да ви кажам дека на инфраструктурата практично целосно се уништени 200 метри од пругата, кои сега, еве, во овие часови се реновираат. Финансиски сè уште се прават пресметките колку би било тоа, бидејќи за сè треба да се направи анализа, па да се дадат точни податоци да не се шпекулира со податоци”, изјави Петар Спасовски, помошник директор на Македонски Железници Инфраструктура.

Надлежните го очекуваат извештај од извршениот увид и собраните материјали од местото на несреќата, за да ја информираат јавноста за причините за излизгувањето на вагоните.

“Најверојатно е технички факторот за несреќата. Само може да претпоставуваме и да шпекулираме во овој момент. Така да, јас сепак би го причекал извештајот на Комисијата, па врз основа на тоа ќе може тогаш да судиме кои се причините за оваа многу катастрофална несреќа”, вели Коста Чикос, заменик директор на Македонски Железници Транспорт.

Железничката несреќа се случи во вторникот во 1:50 часот по полноќ, кога кај кумановското село Черкези од шините излетаа 11 од 15-вагонската композиција. Возот беше товарен, па во несреќата немаше повредени, но материјалната штета е голема, бидејќи еден од тие вагони чини меѓу 80.000 и 100.000 евра.