Македонија
18. March 2019 - 12:45

Започнаа проекти за основци „Превенција од дрога и алкохол“ и „Превенција од трговија со луѓе“

СВР – Тетово започна со реализација на два превентивно-едукативни проекти: „Превенција од дрога и алкохол“ и „Превенција од трговија со луѓе“ наменети за основците во училишта низ полошкиот регион.

Со проектите вкупно се опфатени околу 3000 деветтооделенци од  сите основни училишта кои следат настава во 200 паралелки на македонски, албански и турски јазик.

– На посебни часови, учениците поблиску се информираат за штетните здравствени, социјални, психолошки и други последици од користење дроги и алкохол, но и за законските импликации поврзани со уживање или производство и пуштање во промет на наркотични дроги, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Со вториот проект „Превенција од трговија со луѓе“ стручно обучени полициски службеници ги запознаваат учениците, како најбрзо да ја препознаат трговијата со луѓе уште во самите зачетоци на нејзините облици, како најефикасно да се заштитат од истата и како и кому да се обратат.

Проектите се планира да завршат за две-три недели во сите училишта, а полошкиот регион континуирано се реализираат веќе осум години.