Македонија
9. February 2016 - 20:07

Започна судењето за Диво Насеље

Под силно полициско обезбедување, утрово стартуваше судскиот процес за Диво насеље. На обвинителна клупа седнаа 29 лица во најголем дел косовски државјани, обвинети за кривичните дела тероризам и терористичка организација. Сите тие пред Судскиот совет рекоа дека не се чувствуваат виновни за делата кои им се ставаат на товар. Дел од нив признаа дека биле припадници на вооружената група, но тврдеа дека не биле дел од терористичка организација и дека не им е јасно зошто им се суди за тероризам. Според  обвинтелство пак, случувањата во Куманово од мај минатата година, се последица на обидот на МВР да го расчисти нападот на полициската станица во Гошинце кој се случи неколку недели претходно.

На 9-ти мај утрото Единицата за специјални задачи по судска наредба влегла во Диво насеље со цел да пронајде и приведе лица поврзани со нападот во Гошинце. Тие најпрво биле нападнати со  рачна бомба, по што следувале низа престрелки во текот на целиот ден и ноќта. Обвинителство тврди дека нападот бил добро организиран и подготвен, а обвинетите постапиле со директна умисла.

Ваквото обвинение според адвокатите е неосновано, велат дека истрагата не е целосно завршена, а обвинителство нема докази дека се работи за тероризам, ниту пак дека нападот во Куманово е позврзан со оној во Гошинце. Повторно тврдат дека случајот треба да го превземе Специјалното обвнителство, но оттаму се уште немаат доставено такво барање до судот.     

-За решителните факти, ние сметаме дека има едена генеза, значи една поврзаност на настаните кои што се и Диво насеље со бомбите, тнр „бомби“, прислушуваните разговори. Јас и обвинетите сме убедени дека со овие настани сакаше да се дефокусира јавноста од прислушуваните разговори. Убедени сме дека се работи за структури кои во понатамошниот тек на постапката ќе ги наведеме со име и презиме. Дури и денеска некои од обвинетите најавија такви вклучени од разни инсититуции кои сега не и ги набројувал, рече адвокатот Рауфи.

Во крвавиот инцидент загинаат 8 полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека 42 беа тешко повредени. Со акцијата во Диво Насеље, македонските безбедносни сили целосно спречија терористичката група да предизвика цивилни жртви.