Македонија
30. August 2015 - 18:45

Започна реконструкцијата на регионалниот пат Нов Дојран - село Николиќ

Реконструкцијата на регионалниот пат од Нов Дојран до село Николиќ ќе заврши за околу шест месеци. Патот ќе биде рехабилитиран во должина од шест километри за што се обезбедени 1,4 милиони евра од Владата на Република Македонија.

Почетокот на градежните работи беше означен денеска во присуство на премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Со реконструкцијата на патот ќе се подобри безбедноста во сообраќајот, ќе се олесни пристапот за индустријата, како и протокот на земјоделски производи кои оттука се откупуваат и дистрибуираат на големите пазари.

- На мојата последна посета и самиот имав прилика да се уверам колку санацијата на овој пат е потребна и важна за жителите на Николиќ. Поради тоа посебно ми е драго што конечно ќе го решиме овој горлив проблем на граѓаните. За таа намена обезбедивме 1,4 милиони евра. Со тие пари во наредните шест месеци планирано е да се изврши реконструкција на шест километри пат кој секојдневно се користи како од локалните жители, така и од фабриката „Дојран стил“ која е еден од најголемите работодавачи во овој регион, истакна премиерот Груевски во своето обраќање.

Покрај реконструкцијата на патот, во периодот којшто следува тој најави и реализација на низа други проекти со кои ќе се подобри секојдневното живеење во Дојран.

Планирана е реконструкција на главниот колекторски систем долж Дојранското Езеро за што се обезбедени три милиони денари и наскоро се очекува да биде распишан тендер, обезбедени се и околу 15 милиони денари за асфалтирање на неколку локални улици во Нов Дојран, а планирана е и изградба на комбинирана пешачко-велосипедска патека околу езерото, долга 2,8 километри која се очекува да биде готова до крајот на годината.

- Не очекува активна и работна есен. Многу проекти се во фаза на реализација и уште многу други ќе започнат да се реализираат во следниот период. Продолжуваме да вложуваме во патиштата, туризмот, спортските објекти, училиштата и градинките, земјоделството, во изградба на водоводни и канализациски системи, во културата, во економијата, индустриските зони, во отворањето на нови работни места и во секое друго поле кое значи подобар живот и поубаво секојдневие за граѓаните на Дојран и целата држава, нагласи премиерот Груевски.

Министерот Мисајловски рече дека рехабилитацијата на овој патен правец е на барање на жителите од овој регион и оти со неа ќе се подобри патната инфраструктура во овој крај.

- Развојот на патната инфраструктура е од огромно значење за Република Македонија. Инвестициите во нови патишта директно придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, а тоа значи ангажирање на домашните градежни компании и отворање на нови работи места, посочи Мисајловски.

Тој додаде дека секоја година се вложуваат големи средства за подобрување на патната мрежа во државата. Во тој контекст спомена дека во изминатиот период во дојранскиот регион е реконструиран регионалниот пат Дојран – Струмица за кој се инвестирани 166 милиони денари, регионалниот пат Дојран – Фурка, инвестиција од 26 милиони денари, а завршен е и локалниот пат за Црничани, инвестиција во вредност од 18 милиони денари.

Пред неполни два месеци во селото Николиќ беше пуштено во употреба и новото повеќенаменско спортско игралиште со што ова место доби соодветен спортски терен за рекреација и развивање на спортските таленти на децата.