Балкан
14. јуни 2018 - 18:30

Започна расправата во грчкиот Парламент за гласање недоверба на владата, договорот со Македонија главна тема

Со несогласувања околу тоа колку ќе трае расправата, започна седницата во грчкиот Парламент по доставеното барање од Нова демократија за гласање недоверба на грчката Влада.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, претседателот на Парламент соопшти дека расправата ќе заврши со гласање во сабота во 14 часот, на што имаа приговор пратениците од опозициската Нова демократија.

Потпретседателот на партијата, пратеникот Костис Хаѕидакис рече дека според правилникот, но и кога во 2013. СИРИЗА како опозиција достави исто барање за гласање недоверба, расправата траеше 3 дена и заврши со гласање на полноќ.

Претседателот на парламентот, Никос Вуцис рече дека „има посебна важност да заврши до 14 часот“.

Дополнително како еден од аргументите зошто треба да заврши напладне расправата, рече дека постојат пратеници, кои што не се од Атина и сакаат да си заминат во сабота попладне дома.

По реакциите од опозицијата, беше постигнат договор, во сабота расправата да трае колку што ќе има потреба, а седницата започна.

Денес ќе трае до еден часот по полноќ, утре и в сабота ќе започне во 9.30 часот наутро.

Пратениците во следните денови ќе дискутираат за работата на грчката Влада, а договорот со Македонија се очекува да биде главната тема, со оглед на тоа што токму договорот беше главната причина за барањето на опозицијата за гласање недоверба, но и со оглед на тоа што за утре беше закажана расправа за содржината на постигнатиот договор.