Македонија
13. September 2019 - 16:03

Започна преселбата на предметите од СЈО

Предметите на СЈО се селат во Јавното обвинителство. Државниот обвинител Љубомир Јовески лично го следеше процесот на преземање кој почна во просториите на специјалното обвинителство. Формирал комисија од обвинители, а за нив изготвил и упатство според кое ќе се прави трансферот.

„Откако тој процес ќе заврши ќе се пристапи во понатамошна фаза да се определат надлежните обвинителства – стварната и месната надлежност на обвинителствата. До тој момент, преземените предмети остануваат кај јавните обвинители од СЈО кои до сега постапувале по предметите“, изјави Љубомир Јовески, Јавен обвинител.

Јовески вели дека преместувањето на предметите од СЈО нема да влијае врз водењето на судските процеси.

„Ние ги преземаме овие предмети за да може и натаму да се процесираат.. Во процесот на определување на надлежноста на обвинителството и надлежноста на обвинителот ќе им дадеме приоритет на предметите по кои се водат определени рочишта“, вели Јовески.

Во меѓувреме во кривичен се одложуваат сите судења по предметите на СЈО. Денеска Тоа го побараа обвинителките Стефанова и Фетаи, како што рекоа заради постапката за преземање на предметите. Ова ги насмеа адвокатите во предметот Титаник 3 на што им одговори обвинителката Фетаи.

„Не се смејте толку, може пак Јас ќе го водам предметот“, изјави во судницата обвинителката Фатиме Фетаи.

Обвинителите од СЈО велат откако ќе ги предадат предметите, не знаат каде ќе ја продолжат својата работа. Одговор не добиле ниту од републичкиот обвинител.

Од советот на јавни обвинители, за сител велат дека е можно да се одржи вонредна седница на која ќе се одлучува за иднината на обвинителите од СЈО.