Македонија
21. August 2017 - 12:25

Започна „Опен фан фудбал 2017“ во Крива Паланка

Од денеска до петок двесте дечиња на возраст од седум до 12 години ќе ги учат основите на фудбалската игра на четиринаесеттата отворена летна фудбалска школа „Опен фан фудбал “ во Крива Паланка.

- Поради врнежите и неповолните временски услови ја започнавме школата во спортската сала „Петар поп Арсов“, но веќе од утре дечињата ќе уживаат во лудориите на трева на градскиот стадион. И годинава има двесте дечиња кои ќе ги обедини концептот на единство, дружба и спортска игра, изјави Бранко Величковски, координатор на Опен фан фудбал Крива Паланка.
 
На школата учествуваат дечиња родени од 2005 до 2010 година. Покровител на истата е локалната самоуправа на општина Крива Паланка.
 
- Убаво е да се видат на едно место толкав број дечиња кои заедно минуваат пет дена, во радост, спортски манир и покрај тоа што ги учат основите на најпопуларнито спорт на денешницата, учат и здрави навики на живот, со спорт интегриран во нивните секојдневни активности, рече градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, кој ја прогласи школата за отворена.

За тренинзите и комплетна реалзиација на школата се задолжени 12 тренери, потпомогнати од ист толкав број асистенти. Секој учесник добива опрема со лого на школата и сертификат за учество.