Македонија
8. July 2016 - 17:11

Започна НАТО Самитот во Варшава со големи тензии, за Македонија алијансата е политичка димензија во безбеден регион

Самитот на НАТО во Варшава целосно ќе биде посветен на безбедносниот аспект и приоритетите на алијансата во справување со заканите со кои се соочува како Авганистан, борбата против Исламска држава и тероризмот, и превенција од како што се наведува ,,руската агресија‘‘ на источните граници на Алијансата.

За Македонија прашањето за членство е политичко, а не предмет на дополнителни реформи. И на овој Самит се очекува да се потврди политиката на отворена врата и на заклучоците од Букурешт, според кои поканата за членство ќе се врачи веднаш по решавање на спорот за името со Грција.

,,Македонија би рекол има една поинаква оптика, бидејќи не сме земја во регион кој е под директни закани, нити конфликти би рекол. Додека веројатно на Балканот никогаш не било попредвидливо и помирно отколку што е во овој момент и веројатно соработката со соседите не била никогаш на едно поголемо ниво на доверба отколку што е денес. За нас НАТО е повеќе политичка димензија. Сигналот за политичката стабилност, за предвидливост во регионот и самиот факт што најголем дел од нашите соседи директно и индиректно се дел од НАТО Алијансата е на некој начин и доволно висока гаранција за стабилноста во регионот. Македонија очекува дека со самата таа агенда, во моментот кога ќе дојдеме до самото членство само ќе ја збогатиме таа политичка сигурност, политичка димензија на членствотот во НАТО‘‘, изјави министерот Попоски.

Политиката на отворени врати ја потврди и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој поканата за членство за Црна Гора рече дека ја потврдува константноста на процесот на проширување на Алијансата. Црна Гора официјално ќе стане 29-та членка откако сите останатите 28 ќе ги ратификуваат документите.

Минатиот месец и американските аналитичари Лук Кофи и Даниел Кочис во анализата за Херитиџ повикаа НАТО да ја остави вратата отворена за нови проширувања пред се наведувајќи ја Македонија која поради Грција се уште не е членка на Алијансата, иако уште во 2008 ги исполни сите препораки.

Елаборирајќи ја генезата на грчкото вето и придонесот на Македонија во мисиите на Алијансата, аналитичарите повикаа САД да обезбедат дека во декларацијата од Самитот во Варшава ќе биде потврдена политиката на отворени врати на НАТО и дека ќе и се искаже поддршка на Македонија. САД треба да ја притиснат Грција зад сцената за да и дозволи на Македонија да се придружи на НАТТО под условите од времената спогодба од 1995 година, побараа Кофи и Кочис.