Македонија
30. јуни 2016 - 16:39

Започна Дојранската ликовна колонија

Започна дојранската ликовна колонија. Десет сликари од повеќе градови од државата веќе неколку дена ги користат Дојран и езерото како инспирација за создавање нови уметнички дела.

Целта на колонијата која се одржува трета година по ред е на туристите кои престојуваат  тука да им ги доближат убавините на Дојран и неговата околина на еден поинаков начин, преку уметнички слики работени во скоро сите ликовни техники.

Токму поради тоа сите автори работат под познатите јавори, на само неколку метри од градската плажа и брегот на езерото.

-Сето тоа што го правиме го правиме за тоа, за посетителите. Годинава е замислено да биде до 5 –ти јули и исклучиво да се слика надвор под јаворите, да биде атрактивно за посетителите, да видат дека и тука нешто се случува на ликовен план .Јас сум за тоа акцентот да биде ставен исклучиво на македонски сликари. Сакам секоја година да има барем по двајца познати македонски сликари, но многу често тие се зафатени и затоа јас повеќе се обраќам кај младите затоа што кај нив е иднината, рече Ѓорги Божинов - Фаника.

Делата создадени за време на колонијата  пред пошироката јавност ќе бидат претставени на посебна изложба на 5 ноември, датумот кога се одбележува ослободувањето на Дојран. Ликовната колонија годинава се одржува во рамки на манифестацијата „Дојран Град на културата“ во чиј скоп се предвидени уште околу стотина настани.