Македонија
4. December 2015 - 15:57

Започна асфалтирањето на улица„ Бр.2“ во центарот на Македонска Каменица

Започна асфалтирањето на улица„ Бр.2“  во централното градско подрачје во Македонска Каменица. Новата улица е со должина од 183 метри и ги поврзува главната градска улица со кејот на реката Каменичка.
 
Градоначалникот на Македонска Каменица, Дарко Митевски, за МИА изјави дека вредноста на овој инфраструктурен проект е околу 6 милиони денари, а средствата  се обезбедени од буџетот на Општината.
 
- Изградбата на ова аулица во централното грасдко подрачје беше неопходна, бидејќи сега со реализацијата на овој проект, го подобривме пристапот до новата спортска сала и повеќенаменското игралиште, истака Митевски.
 
Во градското подрачје на Македонска Каменица  се работи и на изградба на улицата „Илинденска“ во должина од 100-ина метри, а неодамна беа асфалтирани и кракови од улици во Струјовско маало, Карадачко маало и крак од улицата „Каменичка“.
 
Градоначалникот Митевски потенцираше дека за наредната година ќе се интензивира изградбата на локални патишта во руралните средини.
 
- Планираме изградба на улици во село Косевица, Моштица, Саса, Дулица и Цера. Средствата за овие инфраструктурни зафати ќе се обезбедат дел од општинскиот буџет, а дел преку проекти од Агенцијата за рурален развој, рече Митевски.