Македонија
7. December 2018 - 13:03

Запленет кокаин во вредност од 570.000 евра на скопскиот аеродром

На скопскиот аеродром Царинската управа, во соработка со Министерството за внатрешни работи, спречи уште еден обид на криумчарење на наркотични дроги. Откриено е и запленето околу 2 килограми  кокаин.

На 5.12.2018 година околу 20:30 часот со летот од Цирих, на влез во Република Македонија селектиран е детално прегледан патник државјанин на Република Венецуела.

При прегледот, во неговиот багаж пронајдено е околу 2 кг бела прашкаста материја, која при проверка со тестер за дрога дала позитивен резултат за присуство на cocaine hydrochloride, што индицира дека непознатата растителна материја е наркотична дрога кокаин.

По преземање на случајот од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа, а по наредба на јавен обвинител, непознатата прашкаста материја е доставена на вештачење со кое е утврдено дека станува збор за кокаин.

Вредноста на запленетата дрогата, на црниот пазар во Република Македонија, изнесува околу 140.000 евра, додека истата при продажбата на мало би била повеќекратно зголемена и би достигнала вредност околу 570.000 евра.

Царинската управа на Република Македонија до надлежното Основно јавно обвинителство против осомничениот поднесе кривична пријава,заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори “.