Македонија
21. July 2019 - 16:05

Запленет имот на осомничените во Рекет- глисерот на Кичеец ќе се чува во Охрид

Дел од имотот на Зоки Кичеец падна во рацете на обвинителството. Доцна синоќа во Охрид е запленет глисер во сопственот на второосомничениот во случајот Рекет. Пловилото е одземено по налог на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Според информации во јавноста кои не ги потврдуваат во обвинителството, одземени се уште возила, мотори, и скутери за на вода чиј сопственик е Зоран Милески. Запленетиот глисер е сместен во охридската касарна и го обезбедува полиција.

Во меѓувреме првиот човек на МВР вели дека се зголемува бројот на бизнисмени кои пријавуваат дека биле жртви на осомничените во „Рекет“.

Министерот Спасовски исто како и обвинителката Рускоска, изјави дека не знае  каде се наоѓа специјалната обвинителка Катица Јанева. Таа, непосредно пред обелоденувањето на Рекет, поднесе оставка.

Во обвинителството пак во тек е вештачење на мобилниот телефон на Јанева, кој е одземен во истрагата за случајот „Рекет“. Обвинителката Рускоска вчера изјави дека утре или задутре ќе заврши проверката на мобилниот телефон по што ќе се знае со кого комуницирала Јанева. Се проверуваат пораките испраќани преку мобилните апликации.

„Доколку се разговара на една од мобилните апликации, тогаш покажува само интернет, не покажува ништо друго. Вештачењето на било кој телефон, не само на овој, она што е разговарано, нормално не можеме да знаеме. Можеме да знаеме кој со кого разговарал ама пораките на било која од мобилните апликации може да се повратат дури и ако се избришани и да се прочита нивната содржина“, изјави Вилма Рускоска, шеф на Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Во понеделникот обвинителството го пресретна рекетот на Боки 13 и Зоки Кичеец. Ги осомничи дека со влијание на јавен обвинител, подолг период рекетирале осомничени во случајот „Империја“ што го води СЈО. Успеале да изнудат 1,5 милион евра. Случајот во обвинителството го пријавил еден од осомничените во Империја.