Македонија
3. September 2015 - 13:41

Западноевропска премиера на „До Балчак“ на филмскиот фестивал во Нанси

Меѓународниот филмски фестивал Нанси - Лорен (28 август – 6 септември 2015), кој се одржува во градот Нанси на истокот од Франција и кој важи за еден од најголемите филмски фестивали во овој дел на Франција, во својата престижна програма „Под ѕвездите“ ќе го прикаже македонскиот филм „До Балчак“ на режисерот Столе Попов, јавува дописникот на МИА од Париз.

На европската премиера на „До Балчак“ ќе присуствува и главната актерка на филмот на Столе Попов, Инти Шрај. Филмот на Столе Попов по прикажувањето на „Браќа Манаки“ минатата година и на фестивалот во Сараево пред неколку дена ја продолжува својата фестивалска кариера.

Филмот од медиумите, како француската национална телевизија Франс 3, која прикажа извадок од филмот за време на главните вести, како и од најтиражниот регионален весник во Франција  „Л’Ест Републикан“ е претставен како „вистински настан“ и можност да се открие не многу познатата македонска кинематографија од страна на француската публика.

Селекционерите на фестивалската програма го претставија и образложија изборот на филмот „До Балчак“ со следните зборови: „Голема романтична фреска, филм на границите со маниеризмот, многу убава текстура на фотографијата, интерпретацијата го пресекува здивот (не е само тоа)... се остава да се мисли на филмовите со забрзан ритам од големиот период на Костурица (најпознат режисер од просторите на поранешна Југославија во Франција). Филмот не предизвикува меланхолија...“ се вели во образложението.

Организорите на фестивалот во Нанси филмот ќе го прикажат во оригиналната верзија и тие самите го направија преводот на француски јазик на титловите. Претставувањето на филмот пред француската публика беше овозможено од Агенцијата за филм на Република Македонија и од страна на режисерот Столе Попов, кој од оправдани причини не можеше да допатува во Нанси, но впечатоците од публиката ќе му ги пренеси главната актерка Инти Шрај.

Филмот ќе биде прикажан на 4 септември во престижната програма „Под ѕвездите“, која како и што самата кажува, станува збор за кино сала под птврено небо под ѕвездите. Додека другиот ден на 5 септември, филмот ќе биде репризиран во најпознатото француско кино „Камео“. Имено, директорката на киното „Арт ет Есеј“ , кое располага со осум кино сали, Алин Ролан, годинава беше прогласена за најдобар кино програматор во Франција.
 
„Меѓународниот филмски фестивал Нанси-Лорен“, кој годинава го доживува своето дваесетто и прво издание од 28 август до 6 септември е организиаран од асоцијацијата „Ај Ај В.О.“ која ја покажува својата љубопитност во откривањето на филмските бисери одцелиот свет.
 
Меѓународниот филмски фестивал Нанси-Лорен, е еден од „најмакедонските“ и „најбалканските“ филмски фестивали во Франција, а можеби и во светот.
 
Во изминативе две децении редовно се селектирани македонски филмови или македонски копрудукции кои се претставувани пред француската пиблика.
 
Со асоцијацијата Ај Ај В.О., организатор на фестивалот и со тоа воедно претседател-координатор на фестивалот, претседава Тони Гламчевски, македонскиот новинар дописник на МИА и МРТ од Франција.
 
- Фестивалот е вистинска среќа за љубителите на филмот, прекрасен и фасцинирачки прозорец отворен кон филмската уметност. И истовремно кон светот. Светот, во кој филмот фрла светлина врз неговите сенки и рани. Филмот и нашиот фестивал ни дозволува да ги укинеме границите меѓу реалноста и фикцијата. Да заборавиме на се’, барем додека трае филмот. Изборот на филмовите се однесува на секојдневниот живот, на обичните или необичните нешта, вели Гламчевски.
 
Уредувачката политика при селекцијата на филмовите, посочува Гламчевски, е во насока на одбрана а разноликоста, секогаш во насока на квалитетот, со ангажирани, смешни, емотивни, вознемирувачки или изненадувачки филмови.
 
Годинава тој е задоволен што во селекцијата на девет долгометражни играни филмови се најде македонскиот филм „До Балчак“, откако не успеа да го добие минатата година, нагласувајќи притоа дека фестивалот има многу добра соработка со Агенцијата за филм на Република Македонија. Притоа се размислува и за одржување на недела на македонскиот филм во Нанси.
 
Во организирањето на фестивалот, годинава е вклучен и еден студент од ЕСРА од Скопје, Христијан Велевски, кој преку бирото на АЛДА од Скопје работи како европски волонтер.
 
Инаку, за време на фестивалот, од 28 август до 6 септември, организаторите на публиката и предлагаат над 150 филмови од над 40 земји, можност за средба со други култури, друг начин на живеење, отворање кон културната разноликост со надминување а уметничките и географските граници.
 
Филмовите се претставени во шест селекции или вкупно 82 проекции - Меѓународна натпреварувачка селекција на 32 краткометражни филмови, избрани меѓу 1400 филмови направени во текот на 2014-2015 година, Селекција на краткометражни филмови за млади и деца, Зизз - Селекција на интересни или необични фимови, Слободен избор на филмови од партнерите на фестивалот од Палиќ - Србија, Полска, Транскавказијата, Селекција на филмови на баскиски режисери, Селекција на филмови кои се прикажуваат на отворено во дворот на реновираната Мануфактура (монополот за тутун) и натпреварувачка селекција на европски документарни филмови.
 
Вечерва на фестивалот ќе биде прикажан филмот „„Звиздан“ на хрватскиот режисер Давор Матаниќ.