Свет
26. September 2017 - 10:01

Западен Брег: Палестинец застрела тројца Израелци

Палестинец денеска застрела тројца Израелци на окупираниот Западен брег на реката Јордан пред да биде убиен од израелските безбедносни сили, соопшти полицијата.

Еден Израелец е повреден и е во критична состојба.

Израелската полиција го окарактеризира нападот како терористички.

Напаѓачот се обидел да влезе во еврејското село Хар Адар заедно со група палестински работници. Откако предизвикал сомнеж кај израелските безбедносни сили, извадил огнено оружје и почнал да пука.

Од октомври 2015 година Израел, Ерусалим и палестинските територии станаа сцена на насилство каде што загинаа најмалку 295 Палестинци, 50 Израелци, по двајца Американци и Јорданци, Британка, Еритреец и Суданец. Поголем дел од убиените Палестинци се сторители на напади, претежно со ладно оружје.