Македонија
1. July 2019 - 8:41

Западен Балкан во фокусот на Самитот во Познањ - европска перспектива, но и многу незавршена работа

Западен Балкан повторно ќе биде во фокусот на вниманието во петок кога во полскиот град Познањ треба да се одржи Самитот во рамки на Берлинскиот процес. Најавено е и присуство на германската канцеларка Ангела Меркел на чија иницијатива во 2014 година беше покренат Берлинскиот процес со цел да се забрза дијалогот и можноста за соработка меѓу државите од Западен Балкан.

Регионот на Западен Балкан, според Меркел, има европска перспектива, но постојат уште многу услови што треба да се исполнат. Воените конфликти од 90-те години, смета Меркел, се надминати, но во државите од Западен Балкан се уште има отворени прашања што треба да се решат.

– Денес состојбата во Западен Балкан е мирна, но има предизвици кои треба да се решат и потребно е да се исполнат условите за да се подготват земјите за влез во ЕУ. Патот е се уште трнлив, оценува германската канцеларка во својот видео поткаст објавен вчера по повод Самитот во Познањ.

Сепак, според Меркел, има позитивни примери на решавање на конфликти во регионот како што е случајот со Северна Македонија и Грција.

– Ваквиот позитивен пример треба да биде охрабрување за решавање на проблемите во Босна и Херцеговина, како и меѓу Србија и Косово, смета Меркел.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во петокот во Софија изјави дека за државата нема друга алтернатива освен европскиот пат.

– Фокусирани сме на октомври. Покажавме европски однос кон регионот, кон соседството, градиме мостови. Дома имаме неверојатен демократски пресврт во изминатите две години. Мислам дека сме апсолутно подготвени да го почнеме пристапниот процес. Не сме подготвени за членство, меѓутоа сакаме процесот да го користиме како алатка да станеме вистинска европска демократија, рече Димитров по состанокот на Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на Организацијата за црноморска економска соработка.

Доколку земјата не добие датум за пристапни преговори, според него, би се испратила лоша порака во целиот регион дека можеби не вреди да се инвестира политички капитал во европски компромиси и да се работи фокусирано на реформите.

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова, пак вчера во изјава за БНТ оцени дека Северна Македонија дала голем залог за да добие датум за преговори. Според неа, Европската унија направила голема грешка со одложувањето на одлуката за почеток на преговори за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ.

– Мислам дека ЕУ направи голема грешка што ја одложи одлуката за октомври. Се надевам дека во ЕУ во октомври ќе бидат помудри, бидејќи сите ние знаеме дека од јуни до октомври нема многу време за да се зборува за, не знам какво, исполнување на критериуми, истакна Јотова, додавајќи дека Северна Македонија и Албанија останале разочарани.