Балкан
22. July 2020 - 11:28

Заострени грчко-турските односи

Издадената турска навигациска информација (NAVTEX) за сеизмички истражувања во морскиот дел југоисточно од грчкиот остров Кастелоризо ги заостри односите меѓу Грција и Турција.

Атина тврди дека ова е нелегална постапка што ги прекршува нејзините суверени права и достави демарш до Анкара, Турција одговара дека истражувањата се во рамките на нејзиниот континентален гребен, додека пак Стејт департментот ја повикаа Турција да избегнува чекори што ги зголемуваат тензиите во регионот, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера попладне имал телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел и ја известил за последните активности на Турција, а според грчките медиуми, Меркел потоа разговарала и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Министерството за надворешни работи на Грција, вчера, преку соопштение ја повика Турција „веднаш да ги прекине нејзините нелегални постапки што ги прекршуваат грчките суверени права и ги поткопуваат мирот и безбедноста во регионот“, а грчката амбасада во Анкара веќе доставила демарш до турското МНР, додека пак грчките власти конкретното прашање го покренале и во ЕУ, НАТО и ООН.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Турција, Хами Аксој, одговара дека морскиот дел во кој бродот „Оруч Реј“ ќе го спроведе истражувањето е во рамките на турскиот континентален гребен  каде што во претходните години и друг брод веќе вршел сеизмички истражувања и вели дека „максималистичките тврдења на Грција се спротивни на меѓународното право“.

 

Според грчките медиуми, од Стејт департментот доцна синоќа соопштиле дека САД се запознаени со издадената NAVTEX „за истражување во спорни води во источниот Медитеран“ и ги повикаа турските власти „да запрат со било какви планови за операции и да избегнуваат чекори што ги зголемуваат тензиите во регионот“.

 

Пο издадената навигациска информација (NAVTEX) од Турција, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера имаше средба со министерот за надворешни работи Никос Дендиас и телефонски разговараше до министерот за одбрана Никос Панајатопулос и началникот на Генералштабот на армијата, Константинос Флорос додека пак грчки владини извори потенцираа дека „премиерот и Владата ги следат случувањата со смиреност и подготвеност“.