Живот
15. August 2019 - 8:55

Занаетот треба да го „крадеш“ и да го работиш со мерак

Занаетот треба да го „крадеш“. Мајсторот не ти го дава занаетот. Треба да работиш со мерак. Вака го почнавме разговорот со ташнарот Фарук Идриз, кого го посетивме во неговиот дуќан „Гала“ во Старата скопска чаршија. Дуќанот е лоциран на улицата „Подграѓе“ бр.12, веднаш до „Пеко“. Муштериите тука можат да купат чанти со различни димензии и бои, каиши, торбички…, а се примаат и нарачки.

Иако беше топло августовско претпладне, тоа не ги спречуваше луѓето да доаѓаат во неговиот дуќан, да прашуваат за цена и за производите, да нарачуваат…

– Јас сум во дуќанот како чиракче од 1988 година. Сум почнал како чиракче, а веќе 11 години сум газда. Работа има за еден нормален живот, за повеќе не. Последните две години е малку потешко. Оваа година е уште потешко со работа, ни раскажа Идриз.

Сега, вели Идриз, ги чекаме туристите. Зимно време нема работа, чаршијата многу рано се затвора. Ни раскажа дека неговата работа не е поврзана со семејните веселби што вообичаено се закажани на лето.

– Нашата работа е ако имаш потреба го купуваш, ако немаш потреба не го купуваш. Нашата работа е ако муштерите купуваат чевли, купуваат и ташни. Во пар одат, изјави Идриз, кој очекува повеќе работа следниот месец, во пресрет на новата учебна година.

Мајстор Фарук работи сам, нема кој да го наследи занаетот

Разговаравме за почетоците на мајстор Фарук Идриз. Занаетот го наследил од татко му Абдула. Дедо му бил наланџија на пазар, а татко му почнал да изработува чанти. Со гордост ни покажа стари фотографии кои се уште ги чува.

Цело време се работело во овој дуќан. Се сеќава дека почнал да го работи овој занает од 1988 година, како дете. Завршил прво одделение и почнал на работа во оваа, како што вели, продавница. Како чиракче бил на работа од 8 до 20 часот и имало повеќе работа. Според него, имало работа се до 1992-1993 година, потоа се стагнирало, па пак имало работа. Последните две години има послабо работа, а најслабо е оваа година.

Дуќанот се отвора рано, пред 8 или најдоцна до 8.30 часот. Летно време работи до 20 часот, а зиме до 18 часот.

Идриз ни раскажа дека се работи сам. Вели дека е тешко, напорно и оти дневно повеќе од пет-шест парчиња не може да изработи.

– Овој занает нема веќе кој да го работи. Занаетот полека изумира, рече Идриз. Наведе дека постои нелојална конкуренција, постојат трошоци за одржување на дуќанот…

Ни раскажува дека не постои интерес кај младите за овој занает, да дојдат, да учат. Во неговата општина Гази Баба има деца, но никој не се интересира и не доаѓа да праша за занаетот. И неговиот син не сака да го продолжи занаетот.

Младите, според него, сакаат да заминат во странство, се интересираат за пари, плата…

– Занаетот треба да го крадеш, мајсторот не ти го дава занаетот. Младите веднаш прашуваат за плата, пари. Парите се најважни, рече Идриз, додавајќи дека првите неколку години работел без пари додека го „печел“ занаетот.

Додека разговаравме, неговата машина со која работи беше расипана и се чекаше мајстор за да ја поправи. За тоа време работата заостанува и се губат муштерии.

Во разговорот ни призна дека му е жал што нема кој да го наследи и ако се затвори дуќанот. Ни раскажа дека неговиот татко кој има 75 години се уште знае да ги земе машините, да ги чисти, вели – „остана тој мерак“.

Ни раскажа дека муштериите се задоволни од неговата работа.

– Имаме задоволни муштерии. Купуваат кај нас, потоа одат на друго место, но пак се враќаат. Кај вас кога купуваме, се носат доста долго време производите, така велат муштериите. Чантите чинат од 500 до 700 денари, рече Идриз, додавајќи дека во дуќанот може да ја поправите чантата, нејзините рачки, се да се промени или да си купите каиши…

Мајстор Фарук ни посочи дека е најстариот ташнар во Старата скопска чаршија. Останал само тој. Му се заблагодаривме за разговорот и за одвоеното време. Се испративме со надеж дека ќе продолжи семејната традиција и оти наскоро ќе најде наследник на занаетот.

Магдалена Ристоманов/МИА