Македонија
6. December 2018 - 12:57

Заменикот министер за локална самоуправа Павлески на регионален форум во Брисел

Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески синоќа во Брисел учествуваше на регионалната панел дискусија на тема „Локалната демократија и оддржливиот локален развој во Западен Балкан”.

Како што соопшти Министерството за локална самоуправа во дискусијта Павлески се осврнал на главните придобивки од процесот на децентрализација во Република Македонија кои, како што  посочил, започна амбициозно во 2005 година и е наша успешна приказна која ги постигна главните придобивки.

Притоа Павлески ја истакнал континуираната поддршка од УНДП и од швајцарската влада преку имплементација на значајни проекти во општините додавајќи дека сега е време да се преиспита системот на локалната самоуправа за да се одговори на актуелните предизвици.

– За да се реши проблемот прво треба да се препознае, да се соочите со него. И проблемите и предизвиците не се ниту  мали  ниту  едноставни. Во претходниот период општините создадоа големи долгови, потребно е да се обезбеди систем на оддржливо финансирање, администрацијата беше политизирана, а треба да се зголемат и  инклузивноста и транспарентноста, нагласил Павлески.

Актуелната Влада, како што појаснил Павлески, ја ревидираше Програмата за децентрализација и оддржлив локален развој 2015-2020 и поради малиот степен на реализација во првиот тригодишен период. Подготвоен е нов Акциски план за периодот 2018-2020 година на инклузивен начин, со вклучување на сите засегнати страни. Значително се зголемени средствата за рамномерен регионален развој и се инсистира на распределба на средствата на целата територија на државата, во сите осум плански региони, за разлика од порано кога најмногу се инвестираше во Скопје. Се работи на оценување на системот на финансирање на пренесените функции на општините во областите на образование, предучилишни установи и култура за до крајот на годината да се излезе со неколку сценарија за решавање на проблемите и воспоставување на оддржливо финансирање.   Преземена е иницијатива за воспоставување на нов функционален систем за противпожарна заштита. Владата со Закон ги покри половина од долговите на општините, сметките на општините се деблокирани, со што е создадена можност за поактиво и поефикасно работење на градоначалниците.

– Во наредниот период, со подршката што ја имаме од УНДП и СДЦ ќе бидеме повеќе фокусирани на создавање на поефикасен систем на локална самоуправа. Како? Со поголемо учество на граѓаните, можност за самофинансирање и делегирање на некои основни функции од општината на месните заедници, воспоставување на локални сервисни центри, поедноставување на административните услуги за граѓаните, имплементирање на систем на мобилни услуги за полесен пристап на лицата со попреченост, возрасните и луѓето во оддалечените места на живеење. Градење на систем за интегриран локален и регионален развој. Нашата цел е подобар квалитет на живеење за сите граѓани на целата територија на државата, рече Павлески.

Форумот се одржа во организација на мисијата на Швајцарија во Европската Унија и на УНДП, на кој присуствуваа и претставници од Босна и Херцеговина, од Албанија како и директорите на секторите на Европската Комисија за граѓанско општество и социјална инклузија и за регионална соработка.                Претпладнето заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески имаше состанок со Лена Андерсон Пенч, директор за европска територијална соработка, макро-региони, ИНТЕРЕГ и спроведување на Програмата.