Балкан
1. August 2018 - 10:18

Заменик министерот за надворешни работи кој ги навреди Турците, ќе биде косовски амбасадор во Македонија

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај на барање на пратениците од Групата 6+, претставници на етничките малцинства во Собранието во Приштина, се дистанцира од навредите на заменик министерот за надворешни работи на Косово, Ѓерѓ Дедај упатени кон Турција, но и покрај тоа тој најверојатно ќе биде именуван за амбасадор во Македонија, тврди „Коха Диторе“.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, пратениците на Групата 6+, кои се дел од владејачката коалиција, побараа и разрешување на Дедај, за што Владата во Приштина се уште се нема изјаснето.

- Дедај со неговите понижувачки изјави, со кои предизвикува раздор, ја навреди турсската заедница во Косово, се вели во писмото на пратениците од малцинските заедници упатено до косовскиот премиер.

Но, и покрај тоа, според „Коха Диторе“, која се повикува на свои сигурни извори во Владата на Харадинај, Дедај е веќе предложен за амбасадор на Косово во Македонија и се очекува негово скорешно именување на таа позиција од страна на претседателот Хашим Тачи.

Веста за можното именување на контроверзниот Дедај за дипломатски претставник во Македонија, предизвика бројни негативни реакции во Косово, особено на социјалните мрежи, но и во медиумите.