Свет
18. December 2020 - 11:39

Заложничка драма кај Париз – ја убил сопругата, па се застрелал

Две лица се убиени и двајца се ранети за време на заложничка криза во Домон, северно од Париз, јавија локалните медиуми. Француските медиуми истакнуваат дека 58-годишен менаџер на локална компанија најпрво ја зел сопругата како заложник и се забарикадирал во канцеларијата, по што ја убил и си го одземал животот.

Очевидци изјавија дека две лица се повредени и дека полицијата ги пронашла телата на осомничениот и на неговата сопруга. Според некои француски извештаи, киднаперот и неговата сопруга се разведувале, а мажот бил претходно осуден за семејно насилство.

Неколку лица биле во просториите на компанијата на почетокот на инцидентот, но не е јасно дали и тие биле заложници или меѓу повредените. Специјална интервентна група на националната жандармерија, позната како ГИГН, била испратена на местото на настанот, пишуваат медиумите.